02.12.2024

Сава пензиско друштво а.д. Скопје во целост ги продаде акциите од Македонијатурист а.д. Скопје кои беа во сопственост на пензиските фондови со кои управува

Сава пензиско друштво АД Скопје, во насока на целосна транспарентност и отчетност кон членовите на пензиските фондови и инвеститорската јавност продолжува со објава на значајни трансакции со хартии од вредност во сопственост на пензиските фондови. Овој пат, би сакале да ги коментираме прашањата поврзани со целосната продажба на акциите издадени од Македонијатурист А.Д. Скопје, во сопственост на пензиските фондови кои ги управуваме, односно Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд и Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус.

Во продолжение се одговори на често поставувани прашања поврзани со оваа трансакција.

  1. Поради која причина Сава пензиско друштво а.д. Скопје се одлучи да ги продаде акциите издадени од Македонијатурист а.д. Скопје во сопственост на пензиските фондови со кои управува?

Сектор Инвестиции во рамките на Сава пензиско друштво а.д. Скопје е задолжен за давање препораки и имплементација на инвестициски одлуки за купување и продажба на хартии од вредност, со цел остварување на максимален можен принос на средствата во сопственост на членовите на пензиските фондови.

Во случајот со македонските акции, Секторот изработува фундаментални анализи за компаниите кои котираат на Македонска берза а.д. Скопје, и се дел од портфолиото на пензиските фондови. Во овие анализи се определува фундаменталната вредност на акциите  според проектирање на билансите и слободните готовински текови и нивно дисконтирање со соодветен дисконтен фактор кој го рефлектира ризикот на инвестицијата, како и со користење на показатели за релативно вреднување и проценка на материјалните средства на компанијата. Тргнувајќи од овие анализи, одлуката за купување се носи доколку цената на акциите на берза е пониска од утврдената фундаментална вредност.

Во случај на продажба на акции, покрај редовното тргување на пазарот на капитал по повисока цена од фундаменталната вредност, препорака за продажба може да има и доколку до Сава пензиско друштво а.д. Скопје е пристигната понуда за откуп на акции во сопственост на фондовите по цена која е повисока од определената фундаментална вредност.

Во контекст на продажбата на акциите на Македонијатурист а.д. Скопје, до Сава пензиско друштво а.д. Скопје пристигна понуда за купување на акциите по цена повисока од фундаменталната вредност, што резултираше со препорака за продажба на сите акции во сопственост на пензиските фондови.

  • Зошто се одлучивте за организација на јавна берзанска аукција преку моделот „сѐ или ништо“?

Вкупната количина на акции во сопственост на пензиските фондови пред продажбата изнесуваше 9,83% од вкупно издадените акции на оваа компанија, што беше блиску до законското ограничување до 10% од вкупно издадените акции на поединечен издавач. Со цел да се постигне што е можно повисока цена за акциите при продажбата и да се избегне ограничувањето од максимални 10% раст при класичното тргување на берзата, се одлучивме акциите на пензиските фондови да ги понудиме преку организирање на Јавна берзанска аукција на голем пакет акции, можност која е уредена со Правилата за тргување на Македонска берза а.д. Скопје. Како почетна цена за продажба ја зедовме највисоката понудена куповна цена.

Што се однесува до моделот „сѐ или ништо“, со оглед на значајноста на уделот кој го поседуваа пензиските фондови кои ги управуваме, проценивме дека во најдобар интерес за членовите е да не се примени моделот на делумна продажба на акциите или пак на парче, бидејќи со тоа би се намалила преговарачката позиција за постигнување на подобра цена во однос на продажба на целиот пакет акции.

И покрај тоа што можеа да се јават повеќе купувачи на денот на одржување на аукцијата, организирана преку системот на Македонска берза а.д. Скопје, се појави само еден заинтересиран купувач што резултираше со продажба на целиот пакет акции по минимално дефинираната цена на аукцијата.

  • Каков е ефектот врз сметководствената единица, односно колкава заработка остварија членовите на пензиските фондови од инвестирањето во акциите на Македонијатурист а.д. Скопје?

Инвестирањето во акции издадени од Македонијатурист а.д. Скопје за сметка на задолжителниот пензиски фонд Сава пензиски фонд започна уште во 2007 година, додека  првите инвестиции кај доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус се реализираа во 2010 година.

Според нашата евиденција, просечната куповна цена на акциите издадени од Македонијатурист а.д. Скопје кај задолжителниот фонд е 3.325 денари, додека просечната куповна цена кај доброволниот фонд е 3.936 денари, што значи дека само врз основа на ценовни промени членовите на задолжителниот пензиски фонд од оваа инвестиција заработиле три пати повеќе од вложените средства, додека членовите на доброволниот пензиски фонд заработиле два ипол пати повеќе од вложените средства (продажната цена која е постигната е 10.150 денари- https://www.mse.mk/mk/news/25/11/2024/public-auction-for-big-packages-of-shares).

Дополнително, имајќи ги предвид приливите по основ на дивиденди, од оваа акција се остварени приливи во износ од 83,5 милиони денари за членовите на Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд и 6,45 милиони денари за членовите на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус.

Тука би напоменале дека разликата во позитивните ефекти кај двата фонда се должи на разликите во големината на фондовите, законските лимити и инвестиционите стратегии, кои имаа влијание врз динамиката и обемот на инвестирање во овој инструмент низ текот на годините.

Мора да се има предвид дека оваа добивка од инвестирање е остварена во подолг временски период, што во суштина е голема предност на пензиските фондови во однос на останатите инвеститори. Пензиските фондови имаат можност подолго време да ги држат акциите во своите портфолија, и одлуките да ги носат единствено врз база на долгорочните перспективи на инструментот.

  • Во какви финансиски инструменти ќе ги реинвестирате средствата добиени од продажбата на акциите издадени од Македонијатурист а.д. Скопје.

Средствата добиени од продажбата ќе се реинвестираат според утврдената стратешка и тактичка алокација на управување со средствата на пензиските фондови, што значи дека истите ќе можат да се инвестираат во депозити во локални банки, акции издадени од домашни и странски компании, ЕТФи, како и во обврзници од домашни и странски издавачи. Нашата цел е средствата да бидат инвестирани во финансиски инструменти со релативно поатрактивни стапки на принос прилагоден за ризик на долг рок, притоа земајќи ги предвид начелата за диверзификација, финансиска сигурност и квалитет на издавачот, како и ликвидноста на финансиските пазари.

 

  • Кои останати фактори влијаат на вашите одлуки за инвестирање во одредени акции на домашниот пазар на капитал?

При носење на одлука за инвестирање во одредена акција, покрај фундаменталната вредност, ликвидноста и ризичноста на самата компанија, Сектор Инвестиции прави оценка на квалитетот на корпоративното управување, како и квалитативна анализа на односот на компанијата кон животната средина и општеството во целина, популарно наречени ESG (Environmental, Social and Governance) фактори.

Така, се анализира корпоративната одговорност, грижата кон животната средина, кон општеството и вработените, родовиот баланс во управните структури на компанијата и слично.

Овие активности се во согласност со визијата на Сава пензиско друштво а.д. Скопје, да зазема активна улога во одржливоста на пензискиот систем, човечката околина и општеството во целина.

Повеќе за нашата Визија, Мисија и Корпоративни вредности можете да најдете на следниот линк: https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/mission-vission-values/

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2024/